Прв вицепремиер, Вицепремиер за борба против корупција и укинување на Пржинската Влада, се неколку од измените во функционирањето на идната четиригодишна Влада.
Наместо техничка Влада, ќе имаме Влада со мандат од 100 дена и премиерот ќе биде предложен од ДУИ како втора партија во Владата. Премиерот ќе биде Албанец.
Но каква функција ќе имаат првиот вицепремиер, кој е министерот за политички систем, и вицепремиерот за борба против корупција? Заев вели дека деталите ќе бидат дефинирани додатно и дека во Собрание овие имиња ќе бидат гласани како министри без ресор. Рече дека ниту едниот нема да функционира со двоен потпис.
Но дали овие измени и укинувањето на техничката Влада значат промена на политичкиот систем во земјата? Универзитетскиот професор, Мерсим Максути, вели не, бидејќи измените претставуваат политички договор.
„Општо не можеме да зборуваме дека станува збор за создавањето на нов политички систем, бидејќи политичкиот систем предвидува правила и пошироко институционално делување и радикални измени кои треба да се случат во правниот и политичкиот систем на земјата.“, вели Максути.
Максути вели дека не претставува проблем фактот што се укинува Техничката Влада бидејќи, според него, сега имаме други политички околности.
„Ова го оценувам позитивно, поради фактот што Пржинската Влада не е институција предвидена со Устав, туку е закон, а законот е категорија која често се менува. И законските измени можат да дојдат како резултат на општествените, политичките и економските промени. Во моментот сметам дека нема потреба од Влада според Пржинскиот модел.“, изјави Максути.
Според професорот Максути, овие измени може да се направат со законски измени на Законот за Влада. Тој не сака да коментира за поделбата на надлежностите и ресорите. Во новиот состав на Владата, намалени се и министерските места без ресор, кои главно ги водеа малцинските заедници.
