По објавувањето на веста на ТВ21 во врска со сомнежите дека дел од јагленот кој го користи РЕК Осломеј доаѓа од Грција, а се пријавува како од Косово, стапивме во контакт со сопственикот на компанијата увозник „Promet Steel Holding“, Абедин Алиу.
Иако се договоривме за изјава пред камера, сепак подоцна ни кажа дека не може, бидејќи има неодложни работи и мора да замине во Косово.
Абедин рече дека слободно можеме да го цитираме телегонскиот разговор.
А, во него тој вели дека три години носи јаглен во нашата држава. Ги отфрли како неточни информациите кои ги доби редакцијата на ТВ21, дека јаглен од Грција го пријавува како јаглен од Косово.
„Promet Steel Holding“ речиси три години увезува јаглен за потребите на РЕК „Осломеј“. Еден дел се купува во Берово, а другиот се увезува од Косово. Не е вистина дека компанијата со која раководам набавува јаглен од Грција, а потоа го пријавува како од Косово“, вели Абедин Алиу.
Според неофицијални информации на ТВ21, компанијата која има договор за снабдување на РЕК Осломеј со јаглен, истиот го набавува од Грција, но во нашата држава го увезува како косовски јаглен. Наводно сето ова се прави поради тоа што е поисплатлива варијанта.
Директорот на ЕСМ вели дека се е законски.
Но, директорот на ЕСМ, Осломеј, па и Царина, кои ги прашавме за ова, не беа синхронизирани во одговорите. Васко Ковачевски вели дека увезуваат само од Косово,а дека од Грција донеле одредена количина како пробен јагнен. Директорот на ЕСМ вели дека од Србија, воопшто не увезуваат јаглен. Но, што велат податоците на Царинската управа. Нивните документи немаат регистрирано увоз на јаглен од Грција во нашата земја, туку само од Косово и од Србија. Ова е спротивно на тврдењето на директорот на ЕСМ, Ковачевски.