Далипи: Ќе продолжиме силно во вториот круг – Ќура: Слободните гласови ќе преминат на моја страна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Арсим Далипи од НАИ и независниот Менди Ќура повторно ќе се соочат во вториот круг од локалните избори за Општина Струга.

Повиците за повлекување од трката, Далипи го смета за ниска пропаганда од противникот. Воедно вели дека тоа било предизвик, а не ветување, кој според него, Ќура не го прифатил.

„Ние продолжуваме силно во трката за вториот круг, со повеќе енергија и посветеност. Тие што секојдневно го покажуваат својот страв и очај од поразот, шират ниска пропаганда дека наводно јас ќе се повлечам од трката. Мојот противкандидат имаше можност да го прифати предизвикот до изборниот молк, но не го направи тоа. Сакам да нагласам – тоа беше предизвик, а не ветување дека ќе се повлечам. Тој не ја прифати таа шанса и сега се обидува да манипулира“, рече Далипи.

Од друга страна, Менди Ќура смета дека 5.000 преостанати гласови во Струга ќе одат во негова корист.

„Во Струга останаа околу 5.700 слободни гласови. Верувам дека околу 700 од нив се на Левица и сигурен сум дека ќе одат кај НАИ, кај мојот противкандидат, бидејќи веќе имаат договор. Останатите 5.000 гласови се слободни и за нив се натпреваруваме и јас и тој, но се надевам дека поголемиот дел ќе преминат на моја страна“, изјави Ќура.

Двајцата кандидати за градоначалник на Струга одат во втор круг со разлика од само 215 гласа. Арсим Далипи освои 9.719 гласа, а Менди Ќура 9.934 гласа.