На Гренланд не му е потребна медицинска помош од други земји, соопштија денеска данските официјални лица, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе испрати болнички брод на таа автономна данска територија, која сака да ја анектира.
Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека на Гренланд, како и во Данска, пристапот до здравствена заштита е бесплатен и се финансира од даночните обврзници.
„Среќна сум што живеам во земја во која постои бесплатен и еднаков пристап до здравствена заштита за сите. Каде осигурувањето и богатството не одредуваат дали ќе добиете соодветен третман. Гренланд има ист пристап како Данска“, наведе Фредериксен на Фејсбук.
