Даути: Зошто се исклучува дијаспората? – Мицкоски со барање, согласете се да има една изборна единица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Темата за која уште вчера се водеше жестоката дебата околу исклучување на дијаспората во изборниот процес беше прашање кое Илире Даути од Европскиот фронт го постави на премиерот Христијан Мицкоски.

Таа побара предлог законот од ноември минатата година да се повлече и одлуката да биде невалидна и ја оцени како дискриминаторска. Таа дијаспора економски ја поддржува економијата на државата и не заслужува да биде исклучена, рече Даути.

„Зошто треба да стои во Законот за локална самоуправа членот кој предвидува намалување на бројот на советници како што се граѓаните од дијаспората кои што работат привремено или живеат надвор од државата. Сметам дека што поскоро тој предлог закон треба да се отстрани од процедурата и одлуката да биде невалидна“, вели Илире Даути.

Целта е сосема поинаква одговори премиерот Мицкоски кој рече дека тоа е направено за да може да се направат измени кои ќе бидат во согласност со изборните процеси кога се бираат градоначалници и советници. Тој притоа побара поддршка за да се направат измени на Изборниот законик за да има една изборна единица и да бидат вклучени и гласовите од дијаспората.

„Јас би ве повикал заедно сите да го промениме Изборниот законик и да направиме една изборна единица и во таа една изборна единица да дозволиме и дијаспората да гласа, да дозволиме да се формираат избирачки места во оние држави во кои што се дозволува согласно Устав да се формираат избирачки места надвор од дипломатско конзуларните претставништва“, вели Христијан Мицкоски.

Даути постави прашање до Мицкоски за училиштето во крушевското село Норово да им се легализира изградениот објект бидејќи како што рече тие учат во лоши услови. Мицкоски ја повика Даути заедно да одат и да го решат ова прашање, но, како што истакна на законски начин бидејќи објектот е изграден на нерегулирана парцела и без дозвола од општината.