Давидовиќ: На ниту еден обвинет не му е дадено обвинението, како некој ќе се изјасни за вина ако го нема она да го прочита за што е обвинет?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Адвокатот Звонко Давидовиќ, бранител на еден од обвинетите за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, остро реагираше на начинот на кој е доставена изменетата верзија на обвинението. Тој посочи дека Обвинителството направило сериозни пропусти со кои, наместо да ја забрза, ја одолговлекува постапката.

„Во јавноста често се повторува дека адвокатите се тие што сакаат да развлекуваат. Денеска се покажа спротивното — Обвинителството е тоа што прави грешки и го успорува процесот,“ изјави Давидовиќ.

Тој објасни дека најголемиот проблем е недоставувањето на интегрираната, изменета верзија на обвинението, за која тврди дека содржи нови и проширени временски елементи во однос на првичниот документ. Според него, ниту обвинетите, ниту нивните адвокати ја добиле оваа верзија.

„Бранителите не се обвинети. Ние сме тука да ги застапуваме луѓето кои мора да знаат за што се товарат. Ниту еден од нив не го добил обвинението. Како да се изјасни некој за вина ако не може да го види документот?“ праша Давидовиќ.

Тој додаде дека ваквото постапување е крајно несоодветно и дека го доведува во прашање принципот на фер судење, особено во момент кога судот очекува официјално изјаснување за вина од обвинетите.