Заедничка визија за мирна, стабилна и обединета Европа, но и заедничка фрустрација од бавното темпо на евроинтеграциите. Ова е заклучокот од самитот на лидерите од Западен Балкан во рамки на процесот Брдо-Бриони.
Домаќините, претседателите на Албанија, Словенија и Хрватска, ја реафирмираа поддршката за проширувањето, но пораките од земјите кандидати беа подиректни. Најексплицитна беше македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова.
„Јас отворено реков дека е цинично, дека е хипокризија да барате од некого да биде отпорен на трети влијанија оставајќи го во коридорот или ако сакате пред портите на Европската унија“, вели Гордана Сиљановска Давкова.
Дека процесот мора да се забрза, особено во контекст на војната во Украина и безбедносните предизвици, се согласи и словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар. Таа нагласи дека во прашање се мирот и стабилноста на целиот континент.
„И се надевам дека сите 27 земји-членки ќе ја препознаат потребата од забрзување на процесот. Значи, Словенија ќе продолжи да биде промотор. И ние ќе продолжиме да се обидуваме да најдеме решенија за да го забрзаме процесот. Потребни се двајца за танго, обично велиме. Значи, Словенија не е доволна. Веќе има седум или осум земји кои го поддржуваат гласањето со квалификувано мнозинство. Но, на крајот, ни требаат 27. Свесна сум за тоа. Но, не би рекла дека европскиот проект умира“, вели Наташа Пирц Мусар.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај истакна дека поддршката за ЕУ во неговата земја е огромна бидејќи граѓаните веруваат во европските вредности.
„Албанија, досега, досега, се справивме многу добро. Отворивме пет од шест кластери и сакаме, а нашата стратешка цел е да ги отвориме сите кластери до крајот на 2025 година. Да ги завршиме сите, да ги затвориме кластерите во 2027 година, а потоа, да ја имаме таа политичка волја, одобрение од Европската Унија да бидеме дел од членството во ЕУ“, порача Бајрам Бегај.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, со покритичен тон, го предупреди Брисел да не се меша во внатрешните работи на општествата кои се поделени.
„Европската Унија мора да биде внимателна каде и како оди. Постојат општества кои не се хомогени во социјална, економска смисла во однос на историската перцепција, како што се словенечкото општество или хрватското општество. Постојат општества кои се поделени. И да се меша во нив и да се интервенира однадвор, да се влијае на промената на владата преку разни форми и притисок во кој Европската Унија не е невина, може да биде многу неодговорно однесување и може да донесе проблеми некаде“, вели Зоран Милановиќ.
Лидерите го поздравија и Планот за раст на ЕУ од 6 милијарди евра, наменет за унапредување на реформите, но заедничкиот став е дека финансиската помош не може да биде замена за полноправно членство. Во заедничката декларација, тие ја потврдија посветеноста на европската интеграција и инклузивната регионална соработка, со цел просперитетна и обединета Европа.