Дебата меѓу кандидатите за градоначалник на Студеничани: Критики и одговори за (не)снабдувањето со вода за пиење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кандидатот на ВЛЕН, Седат Бислими, остро го критикуваше актуелниот градоначалник Азем Садики, обвинувајќи дека проблемот со водоснабдувањето е долгогодишен и сè уште нерешен, иако Садики е повеќе од две децении на чело на општината.

„Актуелниот градоначалник го завршува својот четврти мандат, што значи 16 години на чело на општината и 4 години како советник. До ден-денес, снабдувањето со вода за пиење останува неисполнето ветување. Во селата како Студеничани, Батинце и во планинските подрачја, граѓаните живеат во неприфатливи услови без редовен пристап до вода за пиење“, вели Седат Бислими од ВЛЕН.

Кандидатот на НАИ, Ејуп Абази, исто така побара отчет од Садики, нагласувајќи дека граѓаните не бараат оправдувања, туку конкретни решенија.

„Јас лично го чувствувам проблемот со водоснабдувањето бидејќи живеам во тој дел каде што има проблеми. За овој проект со години се инвестира, општината има вложено. Ова започна пред околу 20 години – е изграден резервоар за вода за пиење, а потоа се инвестираше и во водоводната мрежа. Но, градоначалникот не треба секои четири години да се оправдува, туку да најде решение за проблемот. Граѓаните сакаат да знаат зошто сè уште немаат вода за пиење“, вели Ејуп Абази од НАИ.

Во својата реакција, актуелниот градоначалник и кандидат за петти мандат, Азем Садики, ги негираше обвинувањата за негрижа, изјавувајќи дека општината презела конкретни чекори за решавање на проблемот, но дека е попречена од недостаток на надлежности и соработка со Град Скопје.

„Не седевме со скрстени раце. За време на овој мандат инвестиравме 30 милиони денари, има докази и граѓаните знаат. Буџетот на нашата општина е многу ограничен за големи проекти. Замислете, уште 103 милиони денари веќе се обезбедени средства и дефинитивно овој проект ќе се реши“, вели Азем Садики независен кандидат.

Друг проблем што беше истакнат за време на дебатата е неупотребливата вода во близина на училиштето во Студеничани. Бислими нагласи дека треба да се забрани користењето на оваа вода за да се заштити здравјето на учениците, додека Садики увери дека се преземени мерки за информирање на граѓаните и надзор на ситуацијата.

Покрај прашањето за водата, кандидатите дебатираа и за проблемите со канализацијата, патната и училишната инфраструктура, недостатокот на детски градинки и постоењето на диви депонии.