Дебата во Eвропарламентот за С.Македонија – широка поддршка, освен од бугарските европратеници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија е една од главните точки во Европскиот Парламент кој расправа и гласа за годишниот извештај за Македонија. Последните предлог-амандмани на четворица европарламентарци за извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија влеваат надеж дека одредени струи во Европа застануваат отворено на македонска страна и притоа силно ги осудуваат бугарските потези и уцени. Известувачот за Северна Македонија и автор на извештајот, бугарскиот европартеник Илхан Ќучук, пред почетокот на дебатата порача дека е важно Северна Македонија и Бугарија да продолжат со конструктивен дијалог за постигнување на компромис за Акцискиот план.

„Се надеваме дека и Северна Македонија и Бугарија со конструктивен дијалог ќе постигнат одржливи резултати и ќе ги решат своите спорови. Мора да имаме конкретни мерки, што се однесува до имплементацијата, а тоа во секој случај треба внимателно да се следи и надгледува. Сето тоа е потребно за да бидеме сигурни дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи што побрзо. Да, тука е потребно да имаме објективност и доверба во процесот на пристапност. Мора да имаме широка слика низ градбата на заедничка доверба за да ја изградиме заедничката иднина. Потребни ни се мостови за обединување наместо ѕидови што разделуваат“, истакна Илхан Ќучук.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји изрази надеж дека сѐ уште е можно првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи за време на португалското претседателство со ЕУ. Вархеји го пофали Извештајот за наредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ и оцени дека тој се совпаѓа со наодите на Европската Комисија.

„Регионалната соработка, добрососедските односи се суштински делови од процесот за напредок кон ЕУ, и важно е билатералните договори, вклучувајќи го и Преспанскиот со Грција и Договорот со Бугарија треба и натаму да се имплементираат во доверба од сите страни. Во овој момент ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат напорите за да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните прашања, ги охрабрувам сите страни да делуваат заеднички и се однесуваат конструктивно и да се воздржат од изјави или акции кои може да ги поткопуваат интереси на ЕУ“, посочи Оливер Вархеји.

Еврокомесарот оцени дека Северна Македонија има уште многу работа во делот на реформите. На дебатата за извештаите за земјите од Западен Балкан, европратеничката Тања Фајон оцени дека бугарското вето за преговорите со Северна Македонија е неодговорно. Таа порача дека едностраното делување нема ништо заедничко со критериумите за членство во ЕУ, додавајќи дека Бугарија треба да го повлече своето вето, бидејќи како што рече, кризата што ќе ја предизвика ќе го загрози процесот на проширувањето за другите земји од регионот.