Дехари ја напушта функцијата по 12 години: Јовановски ветува нови проекти за Кичево

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По 12 години на градоначалничкото столче, Фатмир Дехари ја предаде функцијата градоначалник на Општина Кичево на Александар Јовановски. Општинската изборна комисија им ги додели сертификатите на општинските советници и на новиот градоначалник. По преземањето на мандатот, актуелниот градоначалник на Кичево, Александар Јовановски, изјави дека ќе се посвети на реализирање добри дела за градот и граѓаните, без разлика на етничката припадност.

„Од оваа говорница ви ветувам искрен, вреден и посветен труд за реализација на сите проекти кои ги ветивме. Сакам јасно да им покажам на сите дека нема да имаме никакви проблеми од моја страна. Ќе се потрудам да имаме добра соработка со сите вработени и да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани, како во областа на хигиена, така и во проектите што ги ветивме“, вели Александар Јовановски, градоначалник на општина Кичево.

По свечената церемонија, новиот градоначалник беше пречекан во канцеларија од градоначалник во заминување Фатмир Дехари, кој го информираше Јовановски за започнатите и потпишаните проекти, кои изнесуваат 7 милиони евра капитални инвестиции. Дехари, по поздравувањето со вработените со кои соработувал 12 години, им се заблагодари на иселениците и на сите граѓани на општината.

„Изборите завршија, им посакувам мир и јасност на нашите граѓани. Како што кажав порано, така и сега повторувам – не ја упатувам вината кон никого и не играм улога на судија. Најдобриот судија за секој од нас, почнувајќи од мене, е нашата совест, и нека остане во совеста на секој. Трудот, посветеноста и сè што се случи во овој период… Затоа кон никого немам борба, освен борба со себе, и од никого не барам промена, освен од себе сам. Јас сум човек, можеби сум згрешил, и за секоја моја грешка ве молам за извинување, прошка од секој граѓанин што евентуално бил погоден“, изјави Фатмир Дехари, поранешен градоначалник на општина Кичево.

Новиот состав на Општинскиот совет брои 19 советници: 8 советници има ВМРО-ДПМНЕ, 5 НАИ, 3 советници Коалицијата ВЛЕН, двајца се независни, а еден советник има СДСМ.