Дехари „ја поштеди“ од критики новата Влада – „не сум обрнал внимание“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фатмир Дехари, еден од важните функционери на ДУИ, и градоначалник на Кичево, „ја поштеди“ од критики новата влада ВМРО ДПМНЕ-ВРЕДИ. Вели дека не обрнал внимание на нејзината функционалност.

„Да ви кажам право, не сум и обрнал внимание на нејзината функционалност, со оглед на тоа дека пред нас, кон локалната власт има многу барања и многу работа“, вели Фатмир Дехари.

Според Дехари, учеството на неалбанските партии во Европскиот фронт е добра одлука.

„Живееме во мултиетничка земја, живееме во земја каде што нема само Албанци или Македонци, оваа земја им припаѓа на сите, таму живеат Турците и Бошњаците, таму живеат и Ромите. Дури и да се вратиме 20-тина години наназад, ние Албанците бевме еден од најдискриминираните народи и како резултат на таа длабока дискриминација од тој период дојде до војна во 2001 година“, вели Фатмир Дехари.

Дехари додаде и дека Охридскиот договор е темелот на патот на земјата кон ЕУ.

„Без дилема, духот на Охридскиот договор е основа за натамошен напредок на оваа земја, а се што е надвор од Охридскиот договор, според мене евраќа назад и мислам дека враќањето назад е опасно за земјата, за државата и за сите граѓани“, порача Фатмир Дехари.

Инаку, Европскиот фронт постојано ја критикуваше новата Влада уште од најавувањето на коалицијата ВМРО ДПМНЕ-ВРЕДИ, посебно за прашањето за легитимитетот, но Дехари засега не упати остри критики. Претходно, тој ја поштеди од критиките и Огнената група.