Се собраа во паркот во Чаир во 13 часот за да протестираат за судскиот случај Монструм. Со албански знамиња и слоганот “Правда и слобода“ стотици граѓани маршираа до ОЈО.
Засилено полициско присуство на секој агол каде што минуваа демонстрантите. Полицијата ги придружуваше пеш и со возила. Демонстрантите не успеаја да поминат од кај ЈО бидејќи наидоа на полициски кордон.
Овде Бедри Ајдари од организациониот одбор, истовремено и роднина на обвинети во случајот Монструм ја кажа целта на протестот.
„Госпоѓата обвинителка смета дека Фејзи Азири бидејќи бил војник во ОВК треба да одговара пред законот како учесник на некоја терористичка организација, бидејќи не е припадник на некоја терористичка банда, но ова го вели на перфиден начин за да ја манипулира јавноста и така да изгледа пред медиумите и пред народот дека тој можеби бил припадник на некоја терористичка организација, а не кажува што“, истакна Бедри Ајдари.
Меѓу другото беше побарано и разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи изјавувајќи дека ќе побараат меѓународна помош од ЕУ и САД.
„Бараме да се разреши јавната обвинителка Фатиме Фетаи која ја спроведе наредбата на политичките кругови и “црната рака“ која дејствува во сенка на релевантни институции во РСМ. Таа требаше евентуалните докази за истрага на случајот да ги најде со аргументирани податоци а не со асоцијации“, додава Бедри Ајдари.
Откако заврши протестот состојбата ескалираше. Дел од демонстрантите не ги послушаа организаторите за мирен протест и почнаа да фрлаат шок бомби. Состојбата се обиде да ја смири Зејд Реџепи, пратеник на Алтернатива. Тој заедно со уште неколкумина пратеници од коалицијата АА-ААА беа дел од протестот.
Протестот траеше час и половина а во инцидентот беше оштетена вратата на МНР. Полицискиот кордон се повлече половина час откако си заминаа демонстрантите.
Инаку денешниот марш беше организиран поради незадоволство на граѓаните, од, како што рекоа, правдата, конкретно во случајот Монструм за кој велат дека е политички монтиран случај и дека на обвинетите им е нанесена неправда.
Пред една недела обвинителката Фетаи ги кажа завршните зборови за случајот. Таа останува на ставот дека кривичното дело е “тероризам“ и дека петкратното убиство го извршиле тројцата обвинети Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ за кои побара доживотен затвор. За Хаки Азири и Фејзи Азири побара затворска казна од 9 и 15 години како помагачи во извршување. На 3 февруари одбраната ќе ги изнесе завршните зборови по што судот ќе закаже нов термин за изрекување на пресудата.
