Блокирањето на европскиот пат на земјава станува ризично не само за Македонија, туку и за целиот регион, истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова во своето обраќање пред присутните во штипската касарна „Јане Сандански“.
Таа притоа истакна дека Армијата веќе 33 години ја пишува приказната како чувар на татковината.

„Блокадата на евроинтеграциите, вклучувајќи ја нашата, потенцирам, добива димензија и карактер на сериозен безбедносен ризик за регионот на Западен Балкан, но и за ЕУ. Природата на војната рапидно се менува, напредните технологии галопираат, незамисливи оружја парадираат, вештачката интелигенција, сестрано се аплицира, нуклеарната војна понекогаш како да се надвиснува над светот. Галопирачката трка во вооружувањето диктира поголеми инвестиции во одбраната“, вели Гордана Силјановска Давкова.
Во своето обраќање министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека македонската Армија вложува во одбраната согласно потребите и стандардите на НАТО.

„Денес можам да потврдам дека столбовите на која ја градиме Армијата и одбранбените сили стојат цврсто. Буџетирањето на одбраната е на високо ниво а така и ќе продолжиме. Силно сме посветени да ја зајакнеме нашата одбрана со исполнување на заложбите за инвестиции во одбранбените ресурси согласно одлуките на самитот на НАТО во Хаг“, вели Владо Мисајловски.
Генералот Сашко Лафчиски порача дека Денот на Армијата е празник на сите сегашни и поранешни припадници кои што во изминатите 33 години придонесоа за изградба на Армијата.

„Периодот кој следи го посветуваме на постојано зголемување на обученоста, подготвеноста и извежбаноста на сите нивоа на командување и контрола имплементирајќи ги лекциите од современите војувалишта. Период каде што уште повеќе ќе ги зголемиме борбените капацитети и капацитетите за отпорност“, вели Сашко Лафчиски.
Денот на Армијата, 18 август се одбележува бидејќи токму тогаш во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за прва организирана воена формација на Народноослободителната војска на Македонија.
