Борбата за место во нокаут-фазата на Светското првенство 2026 продолжува со нова серија натпревари кои би можеле да донесат драматични пресврти во групите Е и Ф. Дел од репрезентациите веќе го обезбедија пласманот во следната рунда, додека други вечерва ќе играат за опстанок на турнирот.
Во групата Е, вниманието е насочено кон дуелите Курасао – Брегот на Слоновата Коска и Германија – Еквадор, кои започнуваат во 22 часот.
Африканската селекција е блиску до пласман во осминафиналето и против Курасао ќе се обиде да ја оправда фаворитската улога. Сепак, аутсајдерот од Карибите не се откажува од надежта за историски успех и ќе се обиде да остане во игра за едно од местата што водат понатаму.
Во вториот натпревар од групата, Германија ќе атакува на трет триумф по ред. „Панцерите“ веќе обезбедија место во елиминациската фаза, но сакаат да ја потврдат доминацијата и да го освојат првото место во групата. Од друга страна, Еквадор нема право на кикс и ќе мора да бара победа доколку сака да ги задржи шансите за пласман понатаму.
Во групата Ф програмата продолжува по полноќ. Тунис и Холандија ќе се соочат од 1 часот, а „лалињата“ важат за апсолутни фаворити по добриот старт на турнирот и освоените четири бода во првите две кола.
Тунижаните, пак, се обидуваат да го спасат впечатокот по двата убедливи порази кои ги претрпеа на стартот од шампионатот. Промената на селекторот не ги донесе посакуваните резултати, па вечерва ги очекува уште еден тежок предизвик.
Голема неизвесност се очекува и на натпреварот меѓу Јапонија и Шведска. Јапонците веќе обезбедија место во следната рунда, додека Швеѓаните имаат потреба од најмалку еден бод за да го продолжат настапот на Светското првенство.
Со неколку репрезентации кои се борат за последните билети за осминафиналето и фаворити кои сакаат да го задржат победничкиот ритам, денешната програма на Мундијалот ветува нова доза неизвесност и фудбалска драма.
