Денес се тестираат повеќе од милион Словаци

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Повеќе од милион Словаци денес беа тестирани за вирусот корона откако државата започна голема логистичка операција за тестирање на поголемиот дел од населението за време на викендот.

Властите соопштија дека овој амбициозен план за тестирање за сите жители над 10-годишна возраст е прв од ваков вид во земја со ваква големина. Во Словачка живеат околу 5,5 милиони луѓе.

Повеќе од 40.000 здравствени работници и тимови за поддршка, вклучително војници, полицајци, административни работници и волонтери работат на 5.000 локации за да помогнат во тестирањето.

Министерот за одбрана Јарослав Над денеска пред новинарите изјави дека до пладне биле тестирани 828.518 лица, од кои 7.947 биле позитивни.

Тој рече дека очекува викендов да бидат тестирани повеќе од три милиони луѓе.

Премиерот Игор Матовиќ се надева дека со помош на овој план ќе бидат идентификувани и карантирани доволно заразени лица со цел да се избегнат построги мерки на блокада и ограничувања.

Тестирањето е бесплатно и на доброволна основа, но владата ќе воведе мерки против луѓе кои не учествуваат, вклучително и забрана за одење на работа.

Словачките медиуми јавуваат дека има четири часа чекање во редови, но попладнево ситуацијата е подобрена.

Тестот за антиген е брз и резултатите се подготвени за околу 30 минути, но тој е помалку точен од тестот PCR.

Вториот круг на тестирање е планиран за седум дена.

Во Словачка, во последните 24 часа, потврдена е инфекција со коронавирус кај 2.573 лица, што го зголеми вкупниот број на заразени на 57.664 лица, додека 219 лица починаа.