Променливо облачно време со сончеви периоди и повремени локални врнежи го одбележа денешниот ден низ земјава, проследено со умерен до засилен северен ветер, кој на места достигна и над 60 километри на час.
Најниски максимални температури денеска се измерени на Попова Шапка со 3 степени и во Маврови Анови со 7 степени, додека најтопло беше во Гевгелија и Струмица со 21 степен. Во Скопје температурата достигна до 17 степени.
Во изминатите часови најмногу врнежи се регистрирани во Маврови Анови, додека снежната покривка на Попова Шапка достигнува 67 сантиметри.
До крајот на денот времето ќе остане променливо, со услови за повремен дожд, особено во источните делови, каде што се можни и ретки грмежи. Ветерот ќе биде умерен до засилен, а на места и силен, со брзина над 70 километри на час.
Утре следува стабилизирање на времето, со претежно сончеви периоди и мала до умерена облачност. Температурите ќе се движат од -1 до 22 степени, додека во Скопје минималната ќе изнесува околу 6, а максималната до 20 степени.
Според прогнозите, до средината на следната седмица ќе преовладува променливо облачно и потопло време, по што се очекува благо опаѓање на дневните температури. Во среда ќе има услови за слаб локален дожд, додека во четврток се очекува засилен ветер, особено долж Повардарието и во источните делови, каде што на моменти ќе надминува 50 километри на час. Во петок ветерот ќе го смени правецот и ќе дува од југоисток.
