Граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ и понатаму е пред влезот на депонијата Русино каде поставија рампа и дозволуваат да поминат само камионите од Комуналното претпријатие на Гостивар. Од иницијативата велат дека тука ќе останат до 12 август, а потоа фрлањето отпад ќе го контролираат преку камери и надзори. Десо Матевски вели дека ќе бараат Владата да изнајде нова локација, бидејќи во спротивно, како што најавија, ќе излезат на протест пред Влада.
Но, од друга страна, првиот човек на Гостивар, Арбен Таравари, вели дека треба да се изнајде долгорочно и рационално решение. Според него, додека не се изнајде решение, депонијата може да ја користи само гостиварското Комунално претпријатие.
„Треба да се изнајде долготрајно и рационално решение, решение кое ќе биде подобро од ова што го имаме. Сега ја имаме Русино и можеме да ја одржиме, но се наоѓа на голема височина и е загадено, барем така велат експертите кои се занимаваат со оваа работа. Треба да се изнајде локација подолу, каде е помалку загадено. Ние сме заинтересирани да најдеме локација за отпадот од о.Гостивар“, истакна Арбен Таравари.
Таравари очекува новата Влада да им посвети повеќе внимание на депониите. Депонијата Русино неколку недели по ред се пали, со што го загадува Гостивар. Поради ова беа организирани и протести, а претставниците на иницијативата „Стоп Русино“, веќе неколку дена поставија блокада на патот кој води до Русино, не дозволувајќи пристап на камионите кои носат отпад на регионалната депонија.
