Десетмина уапсени во Албанија поради онлајн измама вредна 50 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Десет лица се уапсени во Албанија во врска со случај на онлајн измама вредна 50 милиони евра, објави денес Европол по заедничката операција на австриските и албанските истражни власти.

Жртвите на оваа измама беа лоцирани низ цела Европа и светот, вклучувајќи ги Италија, Германија, Грција, Шпанија, Канада и Обединетото Кралство.

Криминалната мрежа управувала со неколку кол-центри во Тирана и се верува дека предизвикала значителна финансиска штета во вкупна вредност од најмалку 50 милиони евра.

Жртвите на оваа онлајн измама биле водени до наводно легитимни инвестициски платформи преку реклами на социјалните медиуми и пребарувања на интернет, а по регистрацијата, им биле доделени агенти кои се претставувале како инвестициски советници или брокери и ветувале високи профити, додека всушност тие управувале со сметките на жртвите, честопати користејќи софтвер за далечински пристап за да преземат целосна контрола врз нивните електронски уреди.         

Наводните експерти користеле психолошки притисок за да ги убедат жртвите да инвестираат повеќе пари и тврделе дека ќе се оствари профит, но средствата биле пренасочени во сложена меѓународна шема за перење пари, се вели во соопштението.

Како резултат на измамите, проценетата сума што ја платиле жртвите била повеќе од 50 милиони евра, а откако жртвите ги изгубиле парите, операторите повторно ги контактирале за да отворат нови сметки на криптовалутни платформи и да направат почетен депозит од 500 евра, со што започнала нова серија измами.

Европол наведува дека операторите биле организирани во тимови, секој специјализиран за специфичен јазик како што се германски, англиски, италијански, грчки и шпански, со цел да ги измамат жртвите.

Криминалната мрежа се состоела од околу 450 вработени во различни сектори, вклучувајќи стекнување клиенти и поддршка на клиенти, како и менаџерски, финансиски, ИТ, човечки ресурси и други административни тимови.   

Истрагата првично ја започнаа австриските власти поради големиот број жртви идентификувани во Виена во јуни 2023 година, а во април 2024 година, тие испратија барање до албанските власти преку Европол за информации за IP адреса за која се сомнева дека ја користат сторители на албанска територија, по што беше покрената кривична истрага.

Со поддршка на Евроџаст, беше формиран заеднички истражен тим, што доведе до координирана акција на 17 април 2026 година, а претресите резултираа со апсење на 10 лица во Тирана, претрес на три кол-центри и девет приватни домови, како и заплена на 891.735 евра во готово, 443 компјутери, 238 мобилни телефони, шест лаптопи, како и разни дигитални медиуми и уреди за складирање податоци, се вели во соопштението на Европол.