Членовите на косовското собрание ќе се состанат утре по десетти пат во обид да изберат претседател и пет потпретседатели и со тоа да конституираат нов парламент, врз основа на резултатите од изборите во февруари.
Претходниот деветти обид не успеа откако претседателот на конститутивната седница, пратеникот на Самоопределување (ПС), Авни Дехари, се обиде да го промени методот на гласање од јавно во тајно, што не беше прифатено од пратениците од поранешните опозициски партии и Српската листа.
Според најавите, нема да има промени во ставовите на парламентарните партии ниту за утре. ПС повторно ќе ја номинира пратеничката Албуљена Хаџи за кандидат за претседател, која сè уште не ги добила потребните 61 глас од пратениците, од вкупно 120, кои го сочинуваат Собранието на Косово.
Демократската партија и Демократската лига на Косово остануваат на своите претходни ставови дека нема да гласаат за Хаџи.
Во исто време, лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, вечерва изјави дека неговата партија ќе ја прифати кандидатурата на поранешниот претседател на Парламентот, Гљаук Коњуфац, за нов претседател и дека најверојатно ќе гласаат за него.
