Многу од слепите патници кои избираат авион како превозно средство ретко преживуваат.
Авганистанско момче (13) се впуштило во опасно патување од Кабул до Делхи, криејќи се во просторот за тркалата на патнички авион на „Кам Ер“.
Официјалните лица велат дека тинејџерот, кој е од северниот авганистански град Кундуз, бил пронајден како талка по пистата на меѓународниот аеродром во Делхи во понеделник откако авионот слетал. Тој бил приведен од индиските безбедносни сили и испрашуван неколку часа пред да биде вратен во Кабул со истиот лет.
Момчето наводно им кажало на властите дека го направило тоа од љубопитност, јавува Би-Би-Си.
Портпаролот на Централните индустриски безбедносни сили (CISF) на Индија изјави дека момчето успеало да патува незабележано со летот RQ-4401 на „Кам ерлајнс“, кој слета во Делхи околу 11:10 часот наутро во недела.
Полицијата го пронашла момчето како шета само наоколу и го привела на испрашување. Момчето наводно им кажало на властите дека се скрил во задниот централен дел од трапот за слетување на споменатиот авион.
Персоналот на авиокомпанијата, исто така, пронашол мал црвен звучник откако биле спроведени дополнителни безбедносни проверки.
Весникот „Индијан експрес“ објави дека 13-годишникот сакал да патува за Иран и не бил свесен дека летот на кој се качил бил за Делхи, а не за Техеран.