Уништено детското катче во паркот во Чаир. Идентитетот на сторителот сега за сега е непознат. Граѓаните велат дека станува збор за несовесен чин и порачуваат дека општината треба да вработи стражари кои би го чувале паркот.
„За никаде сме, некој дал придонес за нас, за нашите деца, за нашите внуци. Не сме одговорни, ако ние не сме одговорни, тогаш општината нема што да направи. Ако ѝ помогнеме ние на општината, и таа ќе ни помогне нам, Но, ако ја уништуваме општината, тогаш што ни е виновна таа? Сѐ зависи од нас, воопшто не сме одговорни“.
„Општината е одговорна за него“.
-Општината ги среди играчките, кој мислите дека ги уништи?
„Граѓаните, но некој треба да ги среди, бидејќи младите ги уништуваат. Меѓутоа, треба да има некој организатор или чувар за да ги чува. Ако не ги чуваат, ќе бидат испокршени“.
Портпаролот на општина Чаир, Фари Хисени, вели дека ниту еден парк во градот не е под надзор на чувар. Порачува граѓаните да бидат посовесни.
„Детското катче во паркот во Чаир беше уредувано десетина пати од општината и постојано се одржува, како од средства од општинскиот буџет, така и од меѓународни проекти. Како последен проект беа две урбани шаховски табли кои за три дена веќе беа демолирани. Уште еднаш ги повикуваме сите корисници на јавните површини, да се грижат за јавните добра и истите да не ги оштетуваат, бидејќи се ставени за граѓаните да можат да ги користат“, вели Фари Хисени.
Поради сквернавењето на паркот, децата од оваа населба останаа без соодветно место за играње.
