Џафери: И мојот син има право да работи – ВМРО-ДПМНЕ вели Барлет станал обвинител по заслуга на својот татко

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мојот син исто како и сите граѓани на оваа држава ги ужива сите права и има право да конкурира и да биде примен на работа. 

Ова го изјави претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите, а по реакциите во јавноста дека неговиот син Барлет станува обвинител и се најде на листата на оние кои ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители.

Јавноста остро реагираше и поради тоа што покрај Барлет на оваа листа се најдоа и имиња на блиски роднини на функционери и обвинители. За синот на Џафери уште минатата година имаше голем број реакции затоа што се здобил со право да полага правосуден испит иако уште не дипломирал. За ова Антикорупциска комисија отвори предмет, но како што вели Џафери не било најдено ништо спорно.

„Јас сум свесен како претседател на Собранието како носител на јавна функција, сензацијата е поголема кога се работи за член на семејството на носител на висока функција. Антикорупциска имала постапка. Запрена е таа постапка, не можело да се утврди злоупотреба од страна на мојот син. Како и секој граѓанин во оваа држава и моите деца си ги уживаат истите права и можности о ова општество“, порача Талат Џафери.

За ова преку соопштение реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велат не смее Барлет Џафери да станува обвинител само затоа што татко му е претседател на Собранието.

„Во државата не важат законите подеднакво за сите. Барлет Џафери не само што не смее да стане јавен обвинител, туку согласно македонските прописи, веднаш треба да му биде одземено уверението за положен правосуден испит. Се поставува прашањето дали Барлет Џафери воопшто полагал правосуден испит или бидејќи е син на Талат Џафери го добил уверението. Не смее Барлет Џафери да стане јавен обвинител само затоа што татко му Талат Џафери е прв човек во Собранието“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Реагираа и од Беса.

На денешниот брифинг Џафери говореше и за исплатата на патните трошоци на пратениците, за кое се покажа уште еднаш дека и натаму народните избраници добиваат високи суми. Тој рече ваквото право е пропишано со Деловникот на секој пратеник кој е потпишан дека дошол во Собранието, но дека нема начин и механизми како да се контролира ова.

„Собранието нема други инструменти за испитување на веродостојноста на правото на пратеникот, затоа што се смета дека, и уставно пратеникот не одговара пред претседателот на Собранието или пред собраниската служба. Доколку има индиции дека има злоупотреби, тоа друга институција треба да покрене поинаква постапка“, додаде Талат Џафери.

Јавноста реагираше за фактот што и покрај тоа што има голем дел од пратениците имаат станови во Скопје земаат високи суми за патни трошоци. Една од нив е пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Олга Лозановска на име на патни трошоци земала околу 550 илјади денари а тука е и . Сепак има и пратеници кои земале и повеќе од оваа сума, а тоа се Мирче Аџиоски и Јадранка Поцкова и двајцата од ВМРО-ДПМНЕ, како и Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците кои земале од 706 до 770 илјади денари.