Џафери се правда, ВМРО-ДПМНЕ најавува кривична пријава – со скафандери во Собрание, повторно ќе се случи ако има потреба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По една недела превирања во Собранието, особено по вчерашниот ден кога двајца заразени пратеници со Ковид 19 отидоа во законодавниот дом за да гласаат, собранискиот спикер Талат Џафери излезе на прес конференција за да разјасни. Зборуваше толку многу, еднаш на албански па на македонски, поради што се потрошија батериите на камерите, а преносот на Фејсбук страната на ТВ21 неколку пати се прекинуваше.

По едночасовно објаснување на процедурите, конечно новинарите можеа да постават прашање.

ТВ21: Не бевте сигурен дека опозицијата ќе создаде услови за гласање?

-Да, секако дека не бев сигурен од искуството што го имам на неколку претходни седници, сега како да бидам сигурен кога требаше да одржиме неколку седници а не дојдоа, како да бидам сигурен?-прашува Џафери.


И пратеничката на СДСМ, Снежана Ванчева вели дека поради несигурност дали опозицијата ќе гласа или не за петтиот пакет мерки, дошле и пратениците од мнозинството со корона вирус за да гласаат.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ,Никола Мицевски присуството на заразените пратеници во Собрание го нарече биолошки тероризам за што треба да има одговорност. Вели де3ка секако опозицијата ќе гласала за петтиот пакет мерки.

Дека заразени пратеници ќе продолжат да доаѓаат во Собрание не негира ниту пратеничката Ванчева ниту собранискиот спикер Џафери.

ТВ21: Дали ќе стане ова пракса на Собранието заразени пратеници да доаѓаат за да гласаат?

-Да, доколку има потреба поради интерес на граѓаните, под посебни протоколи за безбедноста на секој што доаѓа во Собранието и за самите тие кои се заразени, доколку дозволуваат околностите, доколку нивната здравствена состојба дозволува, секако дека не се исклучува и натаму да се преминува преку условувањето…-вели Џафери.

Пратениците немаат пречки за движење, дури ни во воена состојба, објасни Џафери. Останува да се види следниве денови дали повторно заразени пратеници ќе доаѓаат во Собрание за да гласаат. Единствен случај пред овој бил пред неколку месеци кога пратеникот Арбен Зибери отишол во Собрание но не бил заразен туку само суспектен поради контакт со заразено лице.