Дигитален самит на Западен Балкан во Скопје, иницијатива за бесплатен роаминг со ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Да нема веќе чекање по шалтери, во иднина секој да може да добие документи он лајн, студентите да добијат книги, а мајките полесно да ги запишат децата во градинка. Ова се само мал дел од можностите кои се планира да се воведат, за што премиерот Христијан Мицкоски говореше на своето обраќање на 7-от Дигитален самит за Западен Балкан кој се одржува во Скопје. Тој рече дека ова е почеток на една дигитална револуција и најави до крајот на мандатот сите јавни услуги да бидат достапни он лајн.

„Секој граѓанин ќе има дигитален идентитет и пристап до сите институции преку мобилен телефон. Ќе создадеме генерации со дигитални вештини, ученици, кои ќе бидат конкурентни со своите врсници во Европа. Ќе градиме систем на сајбер безбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество.“, рече Мицкоски.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека се иницира бесплатен роаминг со земјите од Европа.

„Поттикнати од регионалниот совет за соработка ние работевме на заедничка декларација која што ќе повика кон Европската унија и кон сите наши соседи да овозможиме иницијативата „Роаминг како дома“, да ги намалиме трошоците за дата, трошоците за телефонски разговори и смс пораки на граѓаните од Западен Балкан низ цела Европа“, изјави Андоновски.

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Амер Капетановиќ покрај за слободен роаминг со Европа рече дека се работи на целосна интеграција на дигиталниот пазар на Западниот Балкан во дигиталниот пазар на Европската унија.

„Работиме исто така на воспоставување на „дигитален паричник“ на Западен Балкан, поврзување на дигиталните паричници, односно тој вид на интероперабилност во Западен Балкан и на крај целта ни е да се поврземе со заедничките дигитални пазари со Европската унија“, вели Капетановиќ.

Ова е втор пат Дигиталниот самит на Западен Балкан да се одржува во земјава, откако таков за прв пат беше одржан во Скопје во 2018 година.