Државната изборна комисија формираше посебни избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се заразени од Ковид-19 и лицата кои се во домашна изолација. До државната изборна комисија пред неколку дена пристигнаа здравствените протоколи поврзани со спроведувањето на предвремените парламентарни избори со кои се предвидуваат и заштитните мерки и начинот на гласање на лицата заразени од Ковид-19 и лицата во домашна изолација.
Портпаролот на ДИК, Адмир Шабани информира дека на вчерашната седница биле формирани околу 100 посебни избирачки одбори, на секоја општина по минимум еден таков избирачки одбор, додека во скопските општини биле избрани по два избирачки одбори.
„Согласно уредбата на Владата, согласно здравствените протоколи, овие избирачки одбори ќе бидат составени од тројца здравствени работници од кои претседателот на овој избирачки одбор ќе биде доктор со високо медисцинско образование, а овие избирачки одбори ќе имаат уште четири членови во нивниот состав кои се предлози на четирите политички партии“, истакна Адмир Шабани.
При спроведување на гласањето овие избирачки одбори ќе треба да бидат опремени со заштитна опрема. Покрај ракавиците и маските, ќе носат и мантили за еднократна употреба и оваа заштитна опрема секогаш ќе треба да ја заменат со нова кога ќе пристапат кај друг гласач. Лицата кои сакаат да го остварат своето право на глас, а се наоѓаат во домашна излоцаја поради Ковид-19 ќе треба да се пријават на соодветни начини предвидени од страна на Државната изборна комисија. Дали преку полномошник до општинската изборна комисија, или преку мејл со поднесување на барање. Едно лице не може да пријави повеќе од двајца кои се заразени со Ковид-19.
„Избирачките одбори кои ние вчера ги формиравме за оваа задача и оваа постапка која е нова, ќе подлегнат на постапка за едукација поврзана со изборниот процес во делот на споведување на гласањето. Тоа ќе следи во наредниот период и ние ќе дадеме се од себе да ги подготвиме на најсоодветен начин да ја споведат изборната постапка, додека што се однесува на мерките за безбеднсот оние самите се обучени затоа што напонав дека овој избирачки одбор во својот состав има тројца лекари“, посочи Адмир Шабани.
Рокот на пријавување на овие лица трае до 8 јули, согласно изборниот законик, седум дена пред денот определен за избори. Од ДИК велат дека до сега нема ниту една пријава до надлежните општински изборни комисии.
