Десетици граѓани од Чашка дојдоа пред зградата на ДИК во Скопје. Со нив беше и победникот на изборите за оваа општина, Суат Шаќири, од редовите на НАИ. Тие изјавија дека дошле да ги одбранат своите гласови, за кои имало пет жалби од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, чијшто кандидати ги загубија изборите. Додека надвор стоеја жителите на Чашка, внатре, на седницата на ДИК, жалбите беа одбиени како неосновани.
„Во записникот можете и самите да видите дека нема ниту една забелешка од ниту еден член на избирачкиот совет, како и од овластениот претставник. Согласно член 116 од Изборниот законик, секој член има право да поднесе забелешка на избирачкото место доколку се случат неправилности“, изјави Дитмире Шеху, член на ДИК.
Со мнозинство гласови на седницата на ДИК беа одбиени четири жалби на ВМРО-ДПМНЕ за избирачките места во Мелница, Горно и Долно Јаболчиште. Петтата жалба беше повлечена од самиот подносител, односно СДСМ. Потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, изјави дека според Изборниот законик не се исполнети условите за отворање на гласачките кутии, само затоа што делумно не работеле биометриските уреди на избирачките места.
-Оваа повреда е техничка, не суштинска! Таа не би можела значително да влијае врз изборниот процес, а уште повеќе го потврдува фактот што ниту еден гласач не поднел приговор за повреда на правото на глас пред ОИК. Избирачкиот совет постапил правилно и во двата случаи – и кога ја запишал забелешката во дневникот на настани и кога не ја собрал гласачката ливче, вели Абдуш Демири, потпретседател на ДИК од ВЛЕН.
Штом ја добија официјалната потврда, жителите на Чашка почнаа да слават!
Тие не се воздржаа ниту од телефонски повици со своите роднини од дијаспората, кои во неделата масовно дојдоа од странство за да го искористат своето право на глас. Победникот на изборите, Шаќири, изјави дека како иден градоначалник ќе работи подеднакво за сите жители.
-Јас ќе бидам гласот на Општина Чашка, апсолутен победник на најдемократски начин, и ќе бидам еднаков за сите граѓани, без верски и национални разлики. Тоа го гарантирам и ќе бидам нивниот глас додека сум таму. Затоа ќе останеме силни, ќе ги спроведуваме законите и уставот на оваа држава. Им порачувам на македонските жители – истото што им го кажував од врата на врата – Америка не изгуби ништо кога доби човек со боја на кожата, и македонската страна треба да знае дека јас не сум виновен што сум Албанец, туку ќе ги претставувам со највисоко достоинство, без национални и верски пристрасности, изјави Суат Шаќири, иден градоначалник на општина Чашка.
Излезноста во Чашка на 19 октомври беше 74,5% од вкупниот број запишани избирачи во оваа општина, што му донесе убедлива победа на Суат Шаќири пред кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тој изјави дека ќе ги врати еднаквите права и за Албанците во однос на наставата на мајчин јазик во основното образование. Шаќири вети дека ќе ги исполни и ветувањата за подобра здравствена заштита и инфраструктурни подобрувања.
Инаку, на почетокот на денешната седница, ДИК соопшти дека во 33 општини резултатите за избор на градоначалник се конечни, односно во толку општини немало приговор за првиот круг. За 11 општини имало приговори по кои ќе се одлучува.