Димитриеска-Кочоска: Има доволно енергенси, состојбата е под контрола

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Состојбата со енергенсите внимателно се следи и Владата ќе интервенира доколку има потреба, но во моментов нема причина за драматизирање, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во интервју за Канал 5 телевизија таа посочи дека сегашната ситуација е поинаква од кризата во 2022 година и дека Министерството за финансии може да преземе конкретни мерки откако ќе се прогласи кризна состојба.

„На дневна основа се прават анализи за случувањата на Блискиот Исток и за движењето на цената на нафтата. Во вторникот немаше предлог за кризна состојба бидејќи цените на нафтата се намалуваа“, рече министерката.

Според неа, ако се направи споредба со 2022 година, разликата е значајна – тогаш нафтата на 12 март достигнала 117 долари за барел, додека сега цената е околу 100 долари.

Димитриеска-Кочоска информираше дека на состанок со нафтените компании било потврдено дека има доволно резерви и дека нема недостиг на гориво, туку дека на одредени бензински пумпи се работело за доцнење во транспортот.

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата, таа истакна дека економските услови денес се подобри отколку во 2022 година, кога инфлацијата била значително повисока. Сега, како што рече, има реален раст на платите и понизок раст на цените на храната.

Министерката додаде дека со маркетите е договорено, доколку има зголемување на влезните цени на производите, веднаш да го известат Државниот пазарен инспекторат, со цел да се спречат евентуални злоупотреби и профитерство. Владата, како што нагласи, внимателно ја следи состојбата и е во постојана комуникација со сите засегнати страни.