Димитриевски со поддршка од АА-ААА – договорот се темели на принципи на пропорционални поделби

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Максим Димитриевски ја доби поддршката од Алијанса за Албанците и Алтернатива за вториот круг во трката за градоначалничката позиција во Куманово. Димитриевски вели дека ова е само почеток на соработката меѓу него и Алијанса и Алтернатива.

„Сакам да ја поздравам оваа поддршка во мое лично име и во име на тимот За наше Куманово. Ова е само почеток на една плодна политичка соработка помеѓу граѓанското движење За наше Куманово и Алијансата на Албанците и Алтернатива. Се работи за еден политички концепт и субјект кој сака во иднина да делува исклучиво од граѓаните и за граѓаните. Ние нема да се водиме исклучиво по процентот туку ќе се водиме по принципот на унапредување на можностите и правата на сите граѓани“, вели Максим Димитриевски.

Од коалицијата Алијанса и Алтернатива велат дека денеска се обединуваат за работите кои што ги очекуваат во општинскиот совет. Овој договор е постигнат согласно начелата за коалиција и менаџирање на локалните институции.  

„За правична и рамноправна застапеност, пропорционална поделба на буџетот на општината и капиталните инвестиции во сите населени места. Ова се главните столбови врз кои е постигнат договорот меѓу нас и коалицијата која ќе раководи со општината во наредните 4 години“, посочи Хузеир Мустафи.

Од СДСМ со коментар дека секој глас за Димитриевски е глас за ВМРО-ДПМНЕ. Противкандидатот на Максим Димитриевски, пак, Оливер Илиевски во вториот круг на изборите во недела ќе ја има поддршката од ДУИ.