Димитров: Минималната плата не е желботека, нема работници ниту реформи – се затвораат фирми, нема за плати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Недостатокот на работна сила и нереализираните структурни реформи се главниот проблем на бизнисот, додека политичарите тераат избори. Се затвараат компании, се отпуштаат работници, а има и фирми со потешкотии во исплатата на плати. Ова во емисијата Бизнис 21 го кажаа Нухи Алиу, претседател на Комората на Северозападна Македонија, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи и Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

„Најлошо и најтешко за економијата е кога немаш работна сила… ако немаш работна сила треба да ставиш клуч на компанијата“, изјави Нухи Алиу.

„Во 2015 бевме 46.000, во овој момент се 21.000 работници, значи многу брзо во Македонија може да се случи да текстилот падне на 10.000 вработени“, изјави Ангел Димитров.

„Најголемиот дел од економијата 98 проценти, малите и средните , микро и малите претпријатија, период на наплата е помеѓу 250 и 400 денови. И затоа најголемата бројка на отпуштања на неплаќање на плати и така натаму.“, рече Бошков.

Иако се соочуваат со проблем на недостаток на работна сила, велат тешко до минимална плата од 500 евра како што бара синдикатот, без интервенции од Владата за придонесот. Велат ниту увозот на работна сила од странство не е решение бидејќи и странските работници за два три месеци си одат од земјава во потрага по повисоки плати.

Димитров: Желбите се во желботека, овде се работи за економија, економијата не е желби. 500 евра е измислена бројка што некој му текнало, не е бројка на база на математика.

Алиу: Тоа не бива така, не се пресметува минималната плата по желба на некој, многу добро го кажа. Значи треба економските параметри да бидат базични за да се доаѓа до минимална плата. Не само паушално.

Бошков: Балонот минимална плата треба можеби и да пукне, меѓутоа не треба да биде категорија која ќе ги носи сите останати социјални преговори.

Бизнисот бара спроведување на најавените структурни реформи, како дигитализација,борба со сивата економија, корупцијата и поголем акцент на домашниот бизнис наместо на бенефициите за странските инвеститори.