Димитров: Многу малку е направено во клучните реформи кои се важни за економски раст

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи смета дека и покрај одредени позитивни економски сигнали, земјата сè уште заостанува во спроведувањето на суштински реформи неопходни за стабилен и одржлив раст.

„Во вакви сложени услови на стопанисување, предизвикани од војната во Украина и падот на побарувачката во Европа, Владата успеа донекаде да го подигне оптимизмот и да покаже позитивни ефекти. Сепак, тоа е далеку од решавање на сите економски проблеми“, изјави Димитров во емисијата Бизнис21 на ТВ21.

Тој посочи дека бројките покажуваат раст во третиот и четвртиот квартал од 2024 година, но дека најголем придонес во БДП има градежништвото, сектор кој, според него, е поттикнат преку државните кредити и инвестиции.

„Иако имаме одреден напредок во инвестициите, мора да признаеме дека многу малку е направено во делот на клучните реформи – владеење на правото, ефикасен судски систем, борба против корупцијата и институционална ефикасност. Без тие промени, тешко ќе обезбедиме долгорочен раст“, предупреди Димитров.

Тој потсети дека целта поставена со владината економска коалиција е до 2028 година да се постигне раст од 5%, но нагласи дека за тоа ќе биде потребен многу посериозен пристап кон структурните реформи.