Постапката спроведена во Агенцијата за национална безбедност за случајот со контроверзниот олигарх Олександар Онишчеко, засега покажала дека лицето задолжено да го направи последното ниво на проверка со консултација со НАТО не си ја извршило задачата, вели директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски. Тој истакна дека истрагата за ова ќе продолжи за да се утврди дали станува збор за пропуст само на едно лице или не како и тоа дали тој пропуст е случаен или намерен пропуст, за што најавува дека ќе бидат преземени мерки.
„Констатиравме дека ова последното ниво кое што требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО направило одобрение меѓутоа потпишало дека не постои безбедносен ризик без да го направи последниот чекор. Бидејќи е лоциран прстенот и лоциран е поединецот кој што го ставил тој потпис без совесно да си ја изврши својата задача преземени се мерки за утврдување на одговорноста. Ни останува уште да утврдиме дали се работи за пропуст или се работи за намера или се работи за некаков лукративен интерес“, вели Виктор Димовски.
Но освен најавите дека ќе бидат спроведени мерки направениот пропуст, директорот на АНБ не кажува дали ќе преземе и тој самиот одговорност, бидејќи на безбедносниот документ за Онишченко стои потписот на Димовски.
„Одговорноста ќе биде утврдена точно на локално ниво и ако ме прашувате за мене јас да ви кажам сум во Македонија, немам намера да одам во Будимпешта, немам намера да одам во Грција немам намера да променувам место на живеење во Охрид. Останувам тука и спремен сум да се соочам со се, ако се цени дека треба да сносам одговорност“, додаде Виктор Димовски.
А во меѓувреме уште еден безбедносен пропуст. Седницата на Комисијата на која реферираше Димовски беше затворена за јавноста поради класифицирани информации, но во еден момент се утврди дека на собранискиот ју-тјуб канал во живо се емитува аудио пренос од распитот на директорот на безбедносните служби. Павле Трајанов за тоа постави прашање до претседателот на Собранието Талат Џафери дали е точно и дали ќе се спроведе за овој пропуст.
„Барам да се испита целокупната оваа состојба бидејќи е крајно неодговорно да држиме затворена седница за исклучително битни прашања а преку стриминг наводно некои од новинарите ги слушале тие информации. Така што како претседател ве замолувам сепак ако не е точно, бидејќи сите новинари се информирале наводно ја следеле седницата“, порача Павле Трајанов.
„Јас сум претседател на Собрание и до мене се обраќаш и немојте да мислите дека јас сум некаде надвор во вселена и не следам што се случува. Ама не е коректно работа која што треба да се доиспита и која што е во испитување да излезете овде и да давате работи кои што не смеете да ги давате. Впрочем имате сертификат за класифицирани информации и додека не излегува куќата овде да каже што е што не е коректно“, вели Талат Џафери.
Поради ова седницата за распитот на Димовски е прекината без да се донесат заклучоци. Инаку, претседателот на државата Стево Пендаровски вчера рече дека за случајот со давањето согласност за добивање државјанство на Олександар Онишченко кој е на црната листа на САД, доколку се утврди одговорност на шефот на безбедносните служби Димовски тој нема да потпише за негово заминување за амбасадор во Париз.
