Директорката на кумановската болница позитивна на коронавирус: „Причина е хроничен стрес и премореност“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Директорката на болницата во Куманово Снежана Захариева е позитивна ка Ковид-19. Веста за позитивниот тест, таа утрово ја објави на својот Фејсбук профил. Вели дека хроничниот стрес и премореноста се причина за позитивниот резултат на тестот.

„Како за добро утро, позитивен резултат од тестот за САРС-КоВ-2. Без маска само дома, 5 месеци работа-дома, но имунитетот попушти. Хроничниот стрес и премореноста си го направија своето. Чувајте се. Инаку, тестот го направив вчера на пладне, благодарност до МАНУ за брзиот резултат.“, напиша Захариева.

Директорот на Центарот за јавно здравје во Куманово, Ариф Љатифи пред неколку дена во изјава за ТВ21 рече дека секојдневно се анализираат позитивните пациенти, се анкетираат и анализираат од каде би можела да биде предизвикана инфекцијата.

„За нас е многу важно да го знаеме изворот на инфекцијата, со цел да можеме да ги изолираме тие пациенти, нивните контакти и да спречиме ширење на инфекцијата. Повеќето од последните позитивни случаи се од веќе потврдените кластери, но има и нови случаи, каде се заразени неколку членови од едно семејство. Ги разгледуваме можностите како да го спречиме натамошното ширење на инфекцијата.“, изјави Ариф Љатифи, директор на центарот за јавно здравје во Куманово.

Директорката на Кумановската болница двапати беше во самоизолација, еднаш на почетокот на кризата кога се врати од приватно патување, а вториот пат кога член на нејзиното семејство присуствуваше на партискиот состанок по што беше откриено дека директорката на УЈП Сања Лукаревска е позитивна. Резултатите тогаш беа негативни.

Во Кумановската болница од почетокот на кризата беа заболени повеќе од сто здравствени работници, а голем дел беа во изолација.