Дислокација надвор од градот на фабриката “Усје” побараа граѓаните на денешниот протест

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со блокада на крстосницата на булеварот „Борис Трајковски“ и булевар „Србија“ во Скопје, вечерва се одржа протест во организација на Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“.

Учесниците на протестот бараа надлежните да најдат решение со проблемот со загадувањето во Скопје, како што велат, предизвикано од Цементара Усје. Бараат дислокација на фабриката надвор од градот.

На блокадата беа истакнати и неколку пароли „Воздухот наш за профитот ваш“, „На хартија бело, во дробови црно“, „Не сакаме изговори сакаме чист воздух“.

„Наместо заштита на јавното здравје, сведоци сме на системско игнорирање на алармантните податоци, неделување и прикривање на одговорноста. Нашата порака е јасна: нема повеќе молк, нема повеќе одложувања и нема повеќе жртвување на здравјето на граѓаните за сметка на профитот, велат од Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“.

Претходно се огласија и од ТИТАН Усје, велејќи дека тие не се причинители на загадувањето на воздухот во Скопје и целосно ги отфрлаат, како што наведуваат, неоснованите и невистинити обвинувања упатени кон компанијата. Оттаму посочуваат дека работењето се одвива согласно најдобрите достапни техники во цементната индустрија и според стандардите што важат во Европската Унија.

Од компанијата додаваат дека располагаат со А-интегрирана еколошка дозвола и спроведуваат 24-часовен мониторинг на издувните гасови, при што мерењата континуирано покажуваат емисии под законските лимити, кај одредени параметри и повеќекратно пониски. ТИТАН Усје потенцира дека филтрите се составен дел од производниот процес и не можат да бидат исклучени додека печките работат, најавувајќи дека и натаму ќе продолжи со транспарентно и законско работење“.