Вака изгледа патот кон боровиот парк во селото Слупчане во општина Липково.
Дива депонија и ѓубре насекаде.
Градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи вели дека овде постојано се преземаат акции за чистење, но неодговорните граѓани и понатаму фрлаат ѓубре кога инспекторите не се на терен.
„Општината преку претпријатието „Пиша“ постави два контејнери за собирање отпад, тие се празнат секоја недела, но и овде отпадот го фрлаат неодговорни луѓе, а не посетители“, вели Еркан Арифи.
Арифи потсетува дека за ваквите прекршоци загадувачите се санкционираат според важечките закони.
Инвестициите кои досега се направени во боровиот парк се направени од доброволни граѓани во соработка со општината. Но, какви обиди прави Општината за да има корпи за отпад во паркот?
„Гледајќи дека интересот на жителите за рекреација на ова место постојано расте, во моментов се работи на урбанистичкиот план надвор од населбата, во кој покрај урбана опрема, мали корпи за отпадоци, клупи и слично, предвидени се и други инвестиции“, додава Еркан Арифи.
Арифи уверува дека оваа природна убавина ќе го добие изгледот што го заслужува, притоа нагласувајќи дека казните што ќе им се изречат на загадувачите ќе помогнат чистотата да биде на вистинското ниво.