Ова е населбата Бала Мала во Кичево, стар дел од градот во кој работат и занаетчии. Во овој дел од градот е изграден објект на место кое е предвидено за улицата Охридска што води до улицата Марпал Тито. ТВ21 неколкупати известуваше за загриженоста на жителите за овој објект, кој е изграден во јуни минатата година. Овој објект е дивоградба, на јавен имот и на посебно место кое е прогласено за културно наследство од страна на Министерството за култура. Ова го потврди и самиот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари кој вели дека немаат право да преземат мерки бидејќи со оваа проблематика треба да се занимава Државниот пазарен инспекторат. Жителите тврдат дека оваа дивоградба ја блокира улицата и ја нарушува автентичноста на градската чаршија.
Институциите си ја префрлаат топката. Општината вели дека е на Министерството за култура, а во Катастар стои дека и припаѓа на Република Македонија.
Адвокатот Аријан Имери вели дека неколкупати се обратил до Инспекторатот во Скопје и писмено и телефонски, но дека не може да стапи во контакт со оваа институција. Тој вели дека од понеделник за оваа ситуација ќе ги алармира повисоките државни институции и странските амбасади.
Во септември минатата година, ТВ21 контактираше со Државниот градежен инспекторат во Скопје. Од таму ни рекоа дека работат на предметот и дека наскоро ќе се излезе на терен, но иако поминаа неколку месеци, жителите и адвокатот велат дека не е преземено ништо. Од Локалната заедница на оваа населба за ТВ21 рекоа дека ќе преземат конкретни чекори доколку не се најде решение и следен чекор може да биде протест.
