Се зголемува бројот на дивоградбите во Кичево. ТВ21 дознава дека има згради кои се подигнати за неколку ката повеќе од дозволеното, согласно дозволата за градење која ја издава општината.
Ова го потврдува и градоначалникот Фатмир Дехари, кој вели дека се чувствува злоупотребено од овој аспект.
-По издавањето дозвола за градење и по изградбата на објектот, согласно Законот за градење и дозволата, дел од сопствениците ја злоупотребуваат, односно по регистрирањето во Катастар, повторно го отстрануваат кровот и доградуваат. Испраќам апел дека порано или подоцна за овие објекти секако дека ќе има конечен исход-вели Дехари.
Универзитетскиот професор, Енис Јакупи, вели дека доградбите се голем ризик во случај на земјотреси. Според него, согласно законот може да се доградува со дозвола, но само со лесни материјали.
-Она што е проблем со надградбите се земјотресите. Не дај Боже да дојде до земјотрес. Има случаи и кога се добива дозвола за надградби. Дозволата за градење се издава за лесни материјали, доградбите треба се градат од дрво или челик, а всушност овие објекти се градат со тешки материјали како што е бетонот. Ова е потенцијален ризик, бидејќи во случај да дојде до земјотрес со висок интензитет, овие објекти можат да се срушат-вели Јакупи.
Општина Кичево до неодамна немаше градежни инспектори. Месецов за првпат почна со работа инспекторка, која, како што дознаваме, за една зграда веќе отпочнала судска постапка за кршење на прописите.