Дизелот поевтинува за 8 денари од полноќ – бензините за 4 денари по литар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По еден месец поскапувања на цените на одредени горива, од утре доаѓа олеснување за возачите. Од полноќ дизелот ќе поевтини за 8 денари за литар, додека бензините за 4 денари за литар.

Регулаторната комисија за енергетика, по седницата во понеделникот, донесе одлука од 11 август да стапат на сила новите цени на горивата, со просечно намалување од 5,81%.

Цената на екстра лесното масло за домаќинствата се намалува за 6 денари за литар, додека цената на мазутот М-1 е намалена за 2,8 денари за килограм.

РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА

  • Дизел ЕУРОДИЗЕЛ БС(Д-Е-В) = 91,5 денари/литар
  • Бензин ЕУРОСУПЕР БС 95= 87,00 денари/литар
  • Бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 = 89,00 денари/литар
  • Екстра лесно масло за греење = 92,5 денари/литар
  • Мазут M-1 НС = 43,538 денари за килограм

Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека пресметката на новата цена се прави според просекот од последните 15 дена, каде е пресметано намалувањето на акцизата за 4 денари за литар за дизелот и 2 денари за литар за бензините.

Иако по празникот Илинден беше кажано дека на владината седница на 4 август ќе се одлучува и за ДДВ-то, досега сè уште нема никакво придвижување од Министерството за финансии.

„Износот на акцизата се утврдува на секои 15 дена и сега се актуелни акцизите што беа усвоени минатата недела, односно на 4 август. Инаку, акцизите се во надлежност на Министерството за финансии, а РКЕ ги наведува информативно за јавноста. Ние не носиме одлуки за акцизите, туку само ги применуваме одлуките на Владата, односно на Министерството за финансии“, вели РКЕ.

Дизелот до денес имаше највисоката цена во последните 3,5 години, додека историскиот рекорд беше 111 денари за литар, а бензинот 110 денари, со акцизата привремено намалена оваа пролет и ДДВ-то од 18% на 10%.