ДКСК покренува постапки против 234 општински советници поради неподнесена изјава за имот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесоа едногласна одлука да се поведат постапки против 234 советници избрани во општините низ државата, бидејќи не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси во предвидениот рок.

Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, информираше дека анализата на електронската евиденција покажала оти околу една петтина од советниците во општинските совети не ја доставиле задолжителната изјава, со што ги прекршиле одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Тој појасни дека во оваа бројка не се вклучени советниците од Општина Куманово, бидејќи за нив претходно било утврдено непочитување на обврската и веќе им биле изречени соодветни прекршочни налози.

Според анализата на Секторот за контроли при ДКСК, советници од вкупно 61 општина не ја поднеле изјавата, поради што Комисијата ќе постапува поединечно за секој случај. За лицата кои нема да го платат прекршочниот налог во рок од осум дена, ќе бидат иницирани прекршочни постапки пред надлежната Комисија за прекршоци.

Чучуљ потсети дека ДКСК редовно објавува информации за спроведените контроли, утврдените прекршувања и изречените глоби на својата веб-страница, а имињата на советниците опфатени со постапките ќе бидат јавно објавени по нивното започнување.