Ќе се донесе ли нов Кривичниот законик во најскоро време како што тоа го бараше претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски поради спорните измени донесени од пред две години. Уставниот суд во февруари поведе постапка за оцена на уставноста на законот и му наложи на Собранието да ги корегира одредбите во рок од 6 месеци. Иако рокот измина за сега во Собранието нема информации до каде е постапката. Спикерот Африм Гаши деновиве изјави дека вратата за новиот Кривичен законик е отворена, но дека се уште нема предлог од Владата. За тоа до каде е постапката и кога ќе стигне пред пратениците информации нема ниту Славјанка Петровска пратеничка од СДСМ.
-Многу е тешко да одговорам на ова прашање од позиција на опозицијата особено кога власта е поприлично затворена за суштински закони да кажам затворена од аспект на тоа дека или Владата не ги поднесува или ги поднесува во скратена процедура преку група на пратеници и тоа е забележано и во Извештајот на Европската комисија, изјави Славјанка Петровска од СДСМ.
Новиот Кривичен законик треба да ги поправи оние измени со кои се амнестираат функционери од корупција и злоупотреба на државна функција, за што веќе неколку случаи на поранешни функционери застареа. За ова забелешка имаше и во Извештајот на Европската комисија, а овој закон е и дел од обврските преземени од реформската агенда, за кој рокот за негово донесување е до декември оваа година. Министерот за правда Игор Филков во интервју за агенцијата МИА рече дека законот е во финална фаза. Тоа го потврди и премиерот Христијан Мицкоски кој неделава најави дека измените ќе бидат направени до крајот на годинава.
-Во Кривичниот законик и тоа го правиме под притисок на одлуката на Уставниот суд и тоа ќе го направиме до Нова година ќе влезат во парламент тие измени за да го задоволиме за да не се случи да направиме една општа колективна амнестија во општеството и сите криминалци кои што се во затвор да излезат. Секој треба да има одредена одговорност пред да донесе било каква одлука, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Измените на Кривичниот законик беа донесени во септември 2023 година од претходната Влада и тоа со европско знаменце со што голем дел од поранешни функционери се спасија од кривична постапка пред судот. Според анализите на Кривичниот суд во моментот кога беа донесени измените се водела постапка за 197 обвинети лица за злоупотреба на службената положба.
