„Идентичен објект има и средното економско училиште. Станува збор за објект во форма на пеперутка кој се наоѓа во касарната на градот. Тој објект веќе е во сопственост на МОН и уште два други објекти. Заинтересирани сме тие два објекта да бидат наменети за образование и да биде изграден образовен кампус“, посочи Арбер Адеми.
Ова беше изјавата на поранешниот министер за образование Арбр Адеми пред две години во врска со изградбата на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово. На почетокот на 2020, за ТВ21 рече дека комплетирањето на документацијата за земјиштето на кое треба да се изгради училиштето е при крај. Рече дека останало само да се направи Деталниот урбанистички план, за потоа да се распише тендер. Но, досега ништо од ветувањето на Адеми! Новиот министер за образование, Јетон Шаќири, кој исто така доаѓа од редовите на ДУИ, вели дека гимназијата „Сами Фрашери“ не е на листата училишта предвидени од Владата за реконструкција или изградба.
„Ги имавме предложените програми кои поминаа во Влада за 2022 година во однос на реконструкција и изградба на нови училишта. Со текот на времето не значи дека…. програмата не е нешто статично, туку е динамична и она што е предвидено во програмата може да се измени. Што се однесува до гимназијата во Куманово, таа не е на листата и не е дискутирана како тема“, вели Јетон Шаќири.
Шаќири рече дека следната недела ќе се сретне со градоначалникот на Куманово за да поразговараат околу документацијата. Инаку, сегашниот објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово е поранешен земјоделски комбинат. Во подобра состојба не е ниту средното техничко и медицинско училиште „Наце Буѓони“. Техничкото училиште е во ист објект со гимназијата, но со посебни влезови и исти услови. Инаку, учениците по медицина во недостиг на простории, наставата ја следат во бараки.
