Добивме грант од над 300 илјади евра и изработивме сериозен проект за засолнување на кучињата скитници, стационар за третирање на кучињата скитници и се надевам дека следната година или на почетокот на следната година, март или април не сакам да помине повеќе време од месец мај, да почнеме со реализација на овој проект.
Ова беше ветувањето на градоначалникот на Кичево, Фатмикр Дехари дадено во декември 2020. Сега е 2022, а се уште нема ни проект ни стационар за кучињата скитници со кои секојдневно се соочуваат кичевци.
Главното ветување во кампањата за трет мандат на Дехари беше трајно решавање на проблемот со кучињата скитници, но ниту оваа година како што се чини нема да има решение, бидејќи општината издвоила само 20 илјади евра за кастрирање и вакцинирање на кучињата скитници.
Во моментов за кучињата скитници се грижи организацијата Грифон од Кичево која на своја иницијатива со свои финансии се труди да ги заштити и нахрани кучињата, од кои како што велат од оваа организација, 700 се само во градот а 500 во кичевските села, тоа се 1200 кучиња скитници, речиси двојно повеќе од минатата година кога имаше околу 700.
Ѓорѓија Нестороски , претседател на организацијата вели дека со години се занимаваат со овој проблем но тешко остваруваат соработка со Општината. Вели дека се обидуваат да изградат 10 мали стационари низ населбите.
Кучиња скитници има на секој агол на Кичево, а за нив со храна и лекови се грижи оваа организација. Нестороски вели дека ќе се обиде на секој начин на најдат решение за овие кучиња кои освен што немаат храна, нив ги трујат и убиваат граѓаните.
На адреса на ТВ21 речиси секој ден се испраќаат видеа со кучиња скитници а на последното видео се гледа едно куче кое седи по ходниците на клиниката за хирургија во Кичево, за кое, според нашите информации се грижи медицинскиот персонал од овој оддел, но тоа ги загрижува граѓаните бидејќи многумина од нив кои кога ќе отидат во болница, потоа ни испраќаат видео снимка.