„Ние како министерство сите овие закони и домашни работи во врска со реформите ги завршивме, но не е процес кој зависи само од нашето министерство“, вели Адмирим Алити.
Ова беше одговорот на екс министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити во врска со администрацијата, односно законите со кои се предвидени овие реформи. Иако според него овие закони во март веќе требаа да бидат во Собрание, актуелниот министер Азир Алиу вели дека се уште се работи на овие закони.
„Што се однесува до законите, тие се во постапка, значи се уште се работи на нив и работните групи веќе ги анализираат уште еднаш. Идејата е да бидат компатибилни со директивите на ЕУ за две причини, првата причина, како што кажавте сме обврзани да ги донесеме овие закони, а втората причина е да бидеме компатибилни со ЕУ“, вели Азир Алиу.
Потсетуваме дека во последниот извештај на ЕУ за нашата земја, кај јавната администрација беа идентификувани големи слабости во системот. Пред одредено време и Заводот за ревизија констатираше континуирано пречекорување на роковите за донесување на клучните закони за реформа во администрацијата.