Пред 2 години, пред локалните избори, катни гаражи ветија двајцата заедно, првиот вицепремиер Артан Груби и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дури повикаа и бизнисмен од Косово, Бехѓет Пацоли.
Но сега кога на терен нема ништо од ова ветување, се обвинуваат еден со друг. Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу за доцнењето прстот го вперува кон Владата. Објасни дека тие како општина направиле се што било потребно, користејќи го и законот за стратешки инвестиции предложен од Владата, кој предвидува инвестиции од 8 милијарди евра, но Ганиу вели дека овој закон заглавил во влада.
„Кога видовме еден таков закон, прашавме дали имаме можност да се вклопиме во законот за стратешки инвестиции бидејќи сметаме дека имаме повеќе некаде околу 10 маркици за изградба на катни гаражи и да го поминеме овој закон и на тој начин да ги почитуваме и олесниме процедурите кои до сега не знаеме од кои причини се попречуваат. Ова го направивме во соработка со Владата. Тие побараа од нас бизнис план и фисибилити студија, ние ги направивме и денес можеме да документираме дека ги имаме, меѓутоа во еден момент рекоа дека има стагнирање на законот и треба да чекаме“, вели Висар Ганиу.
Ганиу вети дека на крај на мандатот ќе се реализираат катните гаражи. Но за разлика од него, првиот вицепремиер Артан Груби во Клик Плус рече дека проектот пропаднал по вина на општина Чаир. За тоа дури и му се извинил на Пацоли.
ТВ21: Не се направени паркинзите!
Артан Груби: Знам и му се извинив на г. Пацоли тој ден кога отидовме со градоначалникот на вечера кај него дома за целото ова недоразбирање бидејќи се однесува на нас, дадовме целосна поддршка, имаше дискусија и во Влада да се оди напред со овој проект преку стратешки инвестиции.
ТВ21: И? Кратко и јасно!
А.Г.: Нула.
ТВ21: Не е направено по чија вина? Не го реализиравте вие?
А.Г.: Секако дека не е по наша вина.
„Добро е што отишол за да се извини, но требаше да ја каже и вистинската причина каде е проблемот бидејќи тие закони не ги носиме ние туку Владата, поминуваат во Собрание потоа нам ни се овозможува да ги спроведеме или да аплицираме и да имаме придобивки од тој закон“, вели Висар Ганиу.
За извинувањето на Груби и за пропаѓањето на проектот, ТВ21 побара одговор и од бизнисменот Бехѓет Пацоли, како директор на компанијата Мабетекс, кој потпиша меморандум за соработка за изградба на катните гаражи, но тој не ни одговори.
Се дознава дека инвеститор за овој проект требало да биде и бизнисменот Фатмир Етеми, но на прашањето во врска со ова, Етеми ни рече дека не бил заинтересиран за проектот за катните гаражи во Чаир.
Инаку инвестицијата од тоа време достигна вредност од 50 милиони евра а предвидува изградба на катни и подземни гаражи во Чаир со 3000 паркинг места на повеќе локации во општина Чаир.
