До вторник ќе се предложи новиот владин кабинет – СДСМ утре ќе одржи седница на Централниот и Извршниот одбор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

До вторник се очекува мандатарот Димитар Ковачевски до Собрание да го достави списокот со имињата на новите министри на Владата. Социјалдемократите во текот на денешниот ден одржуваат работни состаноци, а се очекува од утре пред најважните органи на партијата да се презентира планираниот тим за новата Влада.

„Утре ќе одржиме седница на Централниот и Извршниот одбор. По седницата ќе информираме за одлуките“, велат од СДСМ.

Од 17 јануари се очекува сите новоизбрани министри да почнат со работа. Собранието утре се враќа на работа и ќе се одржува и првата координација со парламентарните грипи и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Во последниот брифинг со новинарите Џафери рече дека предлозите за нова Влада и програма ќе се достават до 10-11 јануари, а Новата Влада ќе се изгласа на полноќ на 16 јануари. 

„Очекувам некаде 10-11 да добијам предлог-состав на Влада и програма и врз основа на консултации со пратеничките групи кои што се во Собранието да се определи датум за одржување седница. Најверојатно тоа ќе биде 15-16 јануари, односно, ако се добие 10-11 ако се добие предлогот , 15-16 да се одржи дебата два дена, вториот ден на 16 пред 24 часот да се изгласа нова Влада која на 17 сабајле би преземала функциите во министерствата“, посочи Талат Џафери.

Се уште не се потврдени новите имиња од редовите на социјалдемократите кои ќе бидат во извршната власт. Од тоа што се знае досега е дека дел од новиот состав на Владата нема да биде вицепремиерот Никола Димитров, министрите Венко Филипче, Мила Царовска и Радмила Шекеринска.

Освен заминувањата ќе има и рокади. Министерот за правда, Бојан Маричиќ веројатно ќе биде вицепремиер за евро интеграции. Се вели дека поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, ќе биде министер за транспорт и врски.

Неофицијално се збори дека новата потпретседателка на партијата, Бисера Костадинова – Стојчева, ќе биде министерка за култура, а Трајан Димовски министер за земјоделство. Што се однесува  до имињата од најновиот коалициски партнер, Алтернатива, Беким Сали ќе биде министер за здравство, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, Даим Лучи зм. министер за култура, а Орхан Муртезани, директор на МЕПСО кој веќе ја преземе функцијата и задачата.