„ДОДЕКА СМРТТА НЕ НÈ РАЗДЕЛИ“ ‒ Кога симболот на љубовта и надежта станува симбол на отпорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со уметнички перформанс одржан во Чифте амам на 17 ноември, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство ја започна кампањата „Додека смртта не нè раздели“, насочена кон спречување на фемицидот ‒ едно од најактуелните општествени прашања, не само во Македонија, туку и во целиот регион.

Кампањата беше поддржана од познатата модна дизајнерка Моника Коцарева, чија уникатна црна венчаница, како централен дел во перформансот, стана моќен симбол на борбата против фемицидот.

„Во последните десет години, повеќе од 110 жени беа убиени , во повеќе од 70% сторителите се интимни партнери. Тоа значи дека системот не препознал. Не заштитил. Не спречил. Затоа ја започнуваме кампањата ‘Додека смртта не не раздели’ – не како фраза, туку како предупредување. За некои жени, зборовите што ги поврзуваме со љубов стануваат пресуда. Оваа кампања е сведоштво за болката, но и за отпорот. Повик е до институциите, медиумите и секој од нас – да не дозволиме ниту една повеќе“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Под слоганот „Додека смртта не нè раздели“, кампањата се фокусира на информирање и едукација на јавноста за начините на препознавање на моделите на однесување што најчесто водат до фемицид ‒ и како да му се помогне на некој што може да се најде во опасност. Кампањата опфаќа широка целна група и различни канали како што се социјалните медиуми, билбордите, огласи и др. со цел да го пренесе апелот за превентивно дејствување и спречување на идните случаи на фемицид.

Алармантната статистика покажува дека во половина од случаите, сторителите биле претходно пријавени, а во повеќето случаи, тие биле интимни партнери на жртвите. Домот ‒ место што треба да претставува безбедност – и натаму останува најопасното место за жените што доживуваат насилство.

Токму затоа, црната венчаница, креирана од Моника Коцарева, е претставена во рамките на кампањата како симбол на сеќавање и предупредување. Венчаницата, која обично е знак на љубов, надеж и нови почетоци, овде нè потсетува на жените што ги загубиле своите животи поради насилство ‒ и на одговорноста на општеството да реагира навреме. Преку овој силен симбол, кампањата станува глас на отпорот кон фемицидот и повик за колективно дејствување.

„Секој случај на фемицид е длабок неуспех – на институциите, на заедниците и на надлежните наменети да го заштитат животот и достоинството. Ова се животи изгубени не случајно, туку како резултат на целно, родово базирано насилство. И зад секоја статистика стои личност чија иднина е одземена, а чие отсуство длабоко ќе остави белег. Денес, отворено зборувајќи за фемицидот, ја потврдуваме нашата посветеност да го заштитиме правото на секоја жена да живее безбедно, слободно и без страв. Нека ова биде повик за акција, не само со зборови, туку и со значајни, трајни промени“, изјави Моника Коцарева.

Да го спречиме фемицидот ‒ заедно.