Договорен датум за предвремени избори – Богојески со кривични за Деркоски од ДИК и за премиерот Спасовски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Конечниот договор за датумот за одржување на предвремените парламентарни избори, ја помати законската математика околу почетокот на предизборната кампања на дел од партиите. По завршувањето на вонредната состојба, според изборната регулатива  доколку се останеше изборите да се одржат на 5 јули, согласно роковите, денеска требаше да започне изборната кампања, односно 20 дена пред денот на гласањето.

Петар Богојески од „Македонски концепт“ официјално ја започна кампањата со промоција на слоганот на неговата матична партија „Последна шанса“. Вели дека ќе покрене кривична пријава против претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, и премиерот Оливер Спасовски затоа што не обезбедуваат почеток на кампањата и законско одржување на изборите, бидејќи како што рече уредбата со која се одложија изборите е јасна и таа предвидува продолжување на изборниот процес веднаш по престанувањето на вонредната состојба.

„Согласно Уставот и законите, изборите треба да бидат на 5 јули. Ние денеска го почитуваме и практикуваме законот, за да покажеме поинакво политичко поведение, за разлика од она што сега го гледаме. Не постои самит или собир на лидери. Тие се тотално надвор од Уставот и законите со тоа пазарење за изборниот датум“, истакна Петар Богојески.

И коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива информира дека ја започнуваат својата политичка кампања за претстојните избори во земјава со мотото „Сега е време“.

„Дојдено е времето за демократија и кај Албанците. Сега е време за промена кај Албанците. Сега е време за еднакви права, за еднакви инвестиции. Сега е време за правда која не ги бира граѓаните според етничка, политичка и верска припадност. Сега е време за квалитетно образование, за квалитетно здравје. Сега е време за држава за сите, соопшти коалицијата предводена од лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши“.

Слоганот на ДУИ „Зошто да не?“ кој осамна на тврдината на Скопското Кале, е продолжување на веќе започнатата кампања на ДУИ. Тие претходно поставија билборд  со порака дека граѓаните имаат три опции. Потпретседателот на ДУИ Изет Меџити тогаш рече дека за прв пат во историјата граѓаните имаат тројна можност и за прв пат е време за премиер Албанец.