ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери ги поделиле министерските места, а има договор и за вториот и за третиот ешалон, односно замениците-министри, државните секретари и директорските позиции. Мицкоски очекува утре да го добие мандатот за состав на Влада од страна на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а, како што најави, нема долго да се чека да го поднесе предлогот за нова Влада во Собранието.
„Преговорите привршуваат, тие се веќе завршени во одредена мера, во делот на формирањето на владините ресори. Преговорите се завршени и во условно кажано, третиот ешалон“, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски не сакаше да открие кои лица ќе бидат предлози на ВМРО-ДПМНЕ за министри. Тој одговори дека течат внатрепартиски консултации.
Според информациите на ТВ21, Тимчо Муцунски ќе раководи со Министерството за надворешни работи, Гордана Кочовска Димитриевска ќе застане на чело на Министерството за финансии, а Стефан Андоновски ќе го предводи новоформираното Министерство за дигитализација.
Неофицијално, Сања Божиновска се споменува за министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, Цветан Трипуновски за министер за земјоделие, Борко Ристовски за спорт, додека пак во МВР ќе се бира помеѓу Панче Тошковски и Игор Јанушев.
Мицкоски денеска во Собранието го достави предлогот за реорганизација на органите на државната управа. Новата власт предлага да се формира Министерство за економија и труд, Министерство за социјална политика, демографија и млади, Министерство за култура и туризам, Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерство за дигитализација и Министерство за администрација.
Идниот мандатар очекува во петок на собраниска седница да се усвои потребата за овие законски измени, а новите министерства да се факт веќе наредниот вторник. Тој побара поддршка од сите пратенички групи, со оглед дека станува збор за реформски закон, за кој се неопходни 80 гласови „за“. Мицкоски не одговори конкретно од кого се очекува поддршка, бидејќи неговата коалиција би броела 78 пратеници.
„Да не претпоставуваме. Претпоставувам дека знаете дека не сме почетници и наивни политичари да веруваме во случајности. Во политиката случајности многу ретко има“, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според договореното, од Коалицијата ВРЕДИ, Изет Меџити би требало да биде министер за екологија, Арбен Таравари на здравство, а Бесарт Дурмиши ќе биде нов министер за економија.
Фатмир Лимани се очекува да биде новиот министер за социјална политика, додека Адмирим Алити министер без ресор, задолжен за Евроинтеграции. Бујаре Абази, пак, ќе биде министерка без ресор задолжена за добро владеење. Весна Бендевска од ЗНАМ би требало да биде министерка за правда, а оваа партија би требало да го добие и Министерството за администрација.
Освен за законот за реорганизација на органите на управата, Мицкоски очекува двотретинска поддршка и за Законот за судски совет и за Совет на јавни обвинители, бидејќи, како што вели, мора да се смени начинот на кој се бираат членовите во овие тела. Исто така, Мицкоски најави дека една од задачите на идниот парламентарен состав ќе биде укинување на техничката Влада.
