Пратениците од опозицијата излегоа со критики и забелешки за договорот склучен меѓу владите на земјава и на Обединетото кралство. Од СДСМ велат дека од политички аспект развивањето на партнерството со Обединетото кралство го поддржуваат, но изразуваат сомнеж за договорот тежок 6 милијарди евра.
Координаторот на СДСМ Оливер Спасовски рече дека овој договор е ништовен бидејќи во англиската верзија стои дека е потпишан заменик претседател на државата, функција која што не постои.

„Во англиската верзија, договорот, односно таа спогодба ја потпишал заменик претседател на Република Северна Македонија. Функција која што не постои во уставниот поредок на Република Македонија. Вака имаме ништовност на спогодба, еве нека е и спогодба, ниту еден акт не можете да потпишете со функција која што не постои“, вели Оливер Спасовски.
Заменик министерот за надворешни работи и трговија Зоран Димитроски рече дека се работи за техничка грешка која ќе се исправи.

„Според мене, она што успеав да го забележам од потписот е настаната техничка грешка во делот на англиската верзија, не и во македонската која што има соодветен превод и на англиски, туку во англиската. Овие прашања се разрешуваат на тој начин што, фактички се разменуваат ноти и се поправа таа техничка грешка“, порача Зоран Димитриевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ со став дека со овој договор ќе се остварат голем број инфраструктурни проекти, важни за државата..

„Овој договор на Македонија ќе и овозможи стратешка позиционираност во регионот, развој на инфраструктурата, здравството, енергетиката, науката, зацврстување на институциите. Македонија ќе може да ја направи железницата долж Коридорот 10 во две железнички линии, од кои едната ќе биде брза железница за возови над 160 километри на час, а другата линија за товарен транспорт“, вели Никола Мицевски.
Од Европскиот фронт пак со став дека тие не се против задолжувањето, но дека тука се важни и условите под кои се прави овој договор.

„Ние не сме против задолжувањето односно против долгот како економски и финансиски инструмент за поттикнување на развојот на државата. За нас најбитни се условите со кои се задолжуваме и уште побитно е каде се пренасочуваат тие средства, односно да ги видиме по можност однапред да ги мериме со економски инструменти ефектите кои се очекуваат да произлезат од тоа задолжување“, вели Елми Азири.
Овој договор во име на македонската Влада го потпиша вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски на 22 мај во Лондон.
