По четврти пат по ред, во тетовските училишта се испраќа мејл за лажни поставени бомби. Овој пат алармот не пристигнал на адресите на училиштата, туку во Министерството за внатрешни работи во Скопје, по што било наредено учениците од двете тетовски гимназии да бидат евакуирани. Директорот на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ го потврди случајот, додавајќи дека по контролите на тетовската полиција, наставата продолжила.
„Наутро, околу 7 и 45, кога започна првиот час, алармот го дадоа органите на редот, односно полицијата. Сличноста е очигледна, но овој пат разликата е што не ни пристигнаа мејлови во училиштето, туку мејлот стигнал во полиција и ние не знаевме ништо. Учениците наутро влегоа во училници, а потоа дојде полицијата и побара учениците да го напуштат училишниот објект. И така се случи, полицијата заедно со одговорните од смената ги изведоа учениците и продолжи контролата“, изјави Јетон Камбери.
Случајот е потврден и од Секторот за внатрешни работи во Тетово, од каде информираат дека се работи на расчистување на случајот и кој и од каде ја испратил пораката.
„СВР Тетово веднаш ги презеде сите мерки и активности, ја евакуираше школата од учениците и ги обезбеди во надворешниот дел. Беа преземени мерки за проверка на објектот, но беше утврдено дека станува збор за лажен аларм. Последниве години овие аларми се зачестија, затоа МВР презема мерки, а секторот за компјутерски криминал и форензика ги презема мерките за лоцирање на лицето кое го испратило овој мејл“, вели Фатмир Реџепи, портарол на СВР Тетово.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, мејлот бил напишан на македонски јазик, па преведен со Google на албански, и е сличен со претходните лажни аларми испратени во училиштата. Инаку, во период од една година, во тетовските училишта се случиле четири случаи на дојави за лажни бомби.
