Обезбедени се дополнителни 70 милиони евра за реализација на проектот за прочистителна станица за отпадни води во Скопје. Министерката за животна средина Каја Шукова рече дека очекува да се надминат сите пречки со цел овој проект да почне да се реализира.
Овој проект беше причина за расправија меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, кои во текот на септември 2022 година меѓусебно се обвинуваа за злоупотреби при тендерот. Поради тоа разрешен беше и директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински. За ова прашање беше прашана и потпретседателката на Европската инвестициска банка, институција финансиер на овој проект.
Овој проект е од посебно значење за животната средина и граѓаните, затоа треба да биде над политичките интереси, рече вицепремиерот за европски прашања.
Со денешниот грант проектот достигнува вредност од околу 200 милиони евра, а корист од него ќе имаат повеќе од 500 илјади граѓани. Во оваа насока ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води во главниот град со што ќе се задоволат минималните барања од Директивите на ЕУ.
Инаку, за реализација на проектот мора да се заврши процесот на експропријација и урбанистичка документација од страна на Град Скопје и општина Гази Баба, како и договорите за изградба и надзор од ЈП „Водовод и канализација“.